14 May 2012

4 причини зашто копирањето е основа за нашиот развој

 
Во последните неколку месеци супер популарни беа законите за цензура на интернетот како SOPA, PIPA, ACTA, BARCA и целата прашина што се крена околу нивното имплементирање. Како што е редот, така  и група на македонски граѓани (претежно) дебатираа за правните импликации на донесување на еден таков закон, техничките можности, загрозувањата на граѓанските слободи и секако дали пиратеријата е всушност крадење.
Пред некој ден на ова интернетов, популарно беше оградувањето на мојот колега блогер од кoлумната на една новинарка со сексипиљав поглед. Иако од прво апсолутно се согласив со неговиот став, мојата иницијална реакција ме направи најголемиот хипократ во светот.

Тој со заклетвата
Откако малку подразмислив (читај: прочитав размислувања на други автори) сфатив дека копирањето е еден од основните механизми за придвижување на човештвото кон посветла иднина. Еве зашто:



4. Копирањето е еволуциона карактеристика

Терминот копирање по дефиниција има негативна конотација. Луѓето кои копираат ги нарекуваме крадци, пирати, паразити или нешто што можеби нема веднаш да ви падне на памет - копирачи!

Вау Медо, колку си паметен!
Меѓутоа во реалноста не е баш така, барем не кога ја разгледуваме целата слика, а не само делот каде што има цицки.
Имитирањето и огледалните неврони се едни од најзначајните механизми за учење на нови вештини преку користење на веќе постоечки знаења. Брзиот напредок на човештвото се должи на тоа што не почнуваме секогаш од нула, чиракот учи преку копирање на знаењата од мајсторот, селанецот од знаењата на граѓаниот, Боки 13ка од изгледот на китот итн.
Од еволуциона гледна точка, ако се најдеме во ситуација да ја читаме оваа статија значи нашите родители направиле нешто правилно. Ние по автоматизам ги користиме знаењата кои сме ги копирале од нив и ги пренесуваме на нашите деца. Затоа e изреката "Крушка под круша паѓа". Ние полека стануваме како нашите родители бидејќи имитирањето/копирањето статистички гледано ни дава најголеми шанси за "продолжување на генот". Меѓутоа како и во секој Кајзер Созе филм има финта:

3. Се копираат претежно добрите работи

Логично нели. Зашто би копирале нешто што е нефункционално или нелогично (внимание: линкот содржи македонска теорија на заговор)? Секако, што е добро, а што лошо е релативна и променлива работа, меѓутоа општото правило е дека со тоа што некој те копира најверојатно правиш нешто правилно во својот живот.

Затоа нема ни едно дете што сака да биде Џастин Бибер
Ако некогаш видиш нешто ново, оригинално, револуционерно и да не речам радикално, тогаш најверојатно си само неинформиран/. Во најголемиот дел од случаите тоа е веќе создадено/смислено/напишано, а ти едноставно не си го видел/слушнал/прочитал.
Пример далеку од вашиот разум е Библијата. Иако нели е слово Господово, дрн дрн јариња, секој што прочитал друга книга освен таа знае дека е базирана на веќе постоечки приказни, верувања и митологии.
Пример близок до вашиот џеб е вашиот Андроид уред  кој многу некако наликува на ајФон, не?

А пример близок до вашето срце е МЗТ што упорно се обидува да го копира успехот на Работнички
Но дали копирањето на дел од функционалностите од iOS го прави Андроид лош оперативен систем, чисто поради фактот што не е оригинален? Апсолутно не! Копирањето речиси никогаш не е целосно. Чиракот додава свој заштитен знак на своите производи, македонските медиуми додаваат свое толкување на реалните настани, Коце додава малку Виена на Скопје, нашите музички идоли додаваат селско вибрато на секоја преработка итн.
Со преземањето на тоа што е добро, исфрлањето на тоа што е лошо и имплементирање на тоа што би можело во иднина да биде добро ние ги придвижуваме светот чекор напред.

2. Се шири знаењето

Секој што некогаш изгледал едукативно певливо видео кое најверојатно не е препорачливо да се гледа ако сте под дејство на LSD, знае дека копирањето не е крадење (зависи од дефиницијата што е кражба пред се').
Ако претпоставиме дека sharing is caring, дозволете со вас да споделам нешто со што ќе покажам колку се грижам за своите читатели:

И светот одеднаш изгледа како поубаво место за живеење
Секој што некогаш сакал да пренесе некоја поента знае дека што повеќе луѓе ја копираат неговата содржина толку побрзо и поефикасно ќе се пренесе таа поента.
Но не секогаш поентата е најважна. Во поголемиот дел од случаите на копирање важен е процесот на ширење на знаењето, бидејќи при процесот ние почнуваме да разбираме како функционираат работите и откако тоа ќе го сфатиме можеме да почнеме со трансформирање на копираното во нешто подобро/понапредно. Со тоа што земаме одлична идеја која ќе ја надградуваме, ја поттикнуваме нашата креативност. Според едно научно истражување, општеството покажува најбрз напредок кога 30% од популацијата создава нови работи, додека останатите 70% се фокусираат на копирање на истите. Еден тренд станува популарен само ако има критична маса за тоа. Ако сите се фокусираат на создавање нови работи никогаш нема да го достигне критичниот праг, но ако 70% од популацијата копира генијална идеја, тогаш таа најбрзо ќе стане популарна.

1. Сите копираме

Да направиме еден експеримент. Отворете македонски портал, па после отворете Твитер. Или уште подобро, отворете Cracked.com и после отворете го овој блог (или не правете ништо бидејќи очигледно веќе ви е отворен). Забележувате сличност?
Форматот и добар дел од мојот хумор се базира баш на Cracked.com и сите оние што го искористиле тој факт за да тврдат дека моите статии се апсолутна глупост имаат масовна дупка во логиката (насочени се на форматот, а не на содржината).  

Прикажано: Најголемиот криминал во музичката историја
Меѓутоа реалноста е многу покомплицирана. Човекот по природа е себичен, љубоморен и суетен. Зашто некој друг да го жнее плодот на нашето семе? Зашто некој друг да го поседува тоа што ние сме се мачеле да го создадеме? Со овие размислувања повеќе не гледаме ниту на пренесување на поентата, ниту на создавање на подобар свет за нашите деца.
Се буниме дека некој ги краде нашите идеи, а целиот живот го базираме на модифицирање на туѓи (веќе постоечки) идеи. Секој што ќе каже дека никогаш не "украл" нешто во животот (или секогаш барал дозвола за копирање) е или лажов/лопов или е во огромна заблуда.

Додека сме на темата, јавна благодарност до Пауло Коељо чии цитати ми ќариле многу женски

Дополнување: Авторски права

Постои многу логично објаснување зашто сите се бунат кога некој го копира нивното дело и покрај тоа што секојдневно тие копираат туѓи дела. Се е до авторските права кои се директен производ на нашето капиталистичко уредување.
Еволутивно гледано ние сме "програмирани" да ги создаваме најдобрите можни услови за преживување на нашиот вид, па крадењето/копирањето на твојата идеја директно ја загрозува твојата способност да ја материјализираш истата, а со тоа и способноста да овозможиш оптимални услови за своите потомци. Од друга страна, луѓето кои немаат оригинални идеи се обидуваат да копираат постоечки, бидејќи пак од тоа е условен нивниот опстанок.

Ја гледате дупката во логиката?

Ако егзистенцијата на авторите не би зависела од нивната способност да ги спречат останатите да ги копираат нивните идеи, светот многу побрзо би напредувал затоа што сите ќе работат за општо, а не за индивидуално добро.
Не мора да си економист за да сфатиш дека моменталниот систем е неоптимален. Не само тоа, туку и активно се бори истиот да не стане оптимален. Во моментот кога капитализмот ќе стане оптимален истиот ќе престане да постои.
Од гледна точка на електро-инженер ова ми претставувам огромна фрустрација, бидејќи за да преживеам треба да дизајнирам несовршени системи. Софтверот што го пишувам треба да има грешки за да постои идни закрпи. Хардверот што го склопувам треба да се расипе за неколку години. Функционалностите кои можам да ги имплементирам веднаш треба да ги зачувам за следната верзија. Во спротивно нема да имам постојан извор на финансии.
Затоа никогаш не гласам на избори. Не затоа што не верувам дека луѓето на власт можат да променат нешто, туку затоа што знам дека луѓето на власт не можат да променат ништо. Не е нивна грешка, грешката е во системот кој по дефиниција е неефикасен.
Можеби звучи како хипичко срање, меѓутоа до сега не сум сретнал поефикасен систем на општествено уредување од "економија базирана на ресурси", презентирана во последниот Zeitgeist филм. Ако веќе не сте го гледале серијалот, одвојте време да го погледнете, ви ветувам нема да зажалите. И не само тоа, туку направете е што е можно повеќе копии и споделете ги со вашите пријатели. Споделете ја оваа статија, вашата омилена книга, песна, карта од концетот на Цеца или споделете го вашиот коментар подолу. Исто така слободно користете ги моите статии, статуси, твитови и незрели шеги ако мислите дека со тоа полесно ќе ја пренесете вашата поента (мислам видете како тоа функционира во нашата земја). Само така ќе се создаде критична маса. Само така ќе можеме да ги промениме работите на подобро.

п.с. Знам дека статијава е посериозна од тоа што вообичаено го читате на Здраворазумен Хејтеризам, но затоа ви ветувам следната недела ќе се смееме на "Х работи кои можат да ви се случат за време на секс"


 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff