26 December 2013

[Епилог] Сподели среќа

 
Ако порано сте почнале со пиење за празниците и не се сеќавате, минатата недела објавив блог пост со кој сакав да ве поттикнам да споделите дел од вашата среќа со помалку среќните.
Епа имам одлични вести! Сите дечиња кои дел од денот го поминуваат во дневниот центар во Шутка добија свој Дедо Мраз благодарение на вас :)))

Дозволете да ве гушнам како што ме гушна Сенада кога го виде новиот ранец


Приказната почна на еден роденден (Среќен Роденден Фичо со мало закаснување) каде што една моја драга модна дизајнерка ми спомна дека втора година Лице в Лице, овој пат со помош на волонтерите од Млади за Љубов организираат хуманитарна акција за дечињата од дневниот центар во Шутка. По мала координација се сретнавме на плоштад и си поминавме едно убаво саботно попладне.

Се шетавме во Рамстор
Јадевме пица
Го гушкавме Дедо Мраз
Арсов извини што те стегнав со баскет во глава наместо со мекиве топчиња
Остатокот од сликите можете да ги најдете тука (мислам не баш тука, туку на линкот. Тоа плавото од лево. Или горе, не знам каде ќе ја пресече линијава едиторот. Добредојдовте на интернетот).

За човек што цел живот е учен да ги крие емоциите, тешко ми беше да се обидувам да ги формулирам со зборови чувствата што ги имав додека се дружевме со дечињата. Најблиското нешто што ми текнува е слатка горчина (или bittersweet во зависност од каква музка пеферирате). Не можеш да не бидеш среќен кога ќе ја видиш насмевката на нивните лица пеејќи ја "Кој си носи чадорче" додека ја чекаа пицата, но од друга страна се ужаснуваш кога ќе помислиш дека после оваа дружба се враќаат на своето ужасно секојдневие.

За да ја сфатите нивната среќа за една обична топка, треба да ја разберете нивната мизерија. Овие се дечиња кои имаат родители, имаат и многу браќа и сестри. Мајки им ги родила додека уште била малолетна и кога девојчињата ќе наполнат 12-13 години, ги даваат за мажење за да има една уста помалку за хранење. Живеат во една соба, немаат санитарни услови или удобни кревети. Дел од нив кога ќе пораснат завршуваат по затворите исто како нивните родители бидејќи немаат (не знаат) за друга алтернатива. И така се врти кругот.

Кршење на кругот е тоа што се обидуваат да го направат учителките од дневниот центар. Повеќе од 100 дечиња на возраст до 16 години ги учат на основна хигиена, им ги мијат рачињата, ги бањаат и се обидуваат да обезбедат барем еден нормален оброк. Исто така ги праќаат на школо, им помагаат со домашната и ги советуваат со нивните проблеми. Ако не се во дневниот центар овие деца ќе просат на улица и ќе бидат тепани од претпоставените додека не почнат да земаат ефтини дроги за да избегаат од мизеријата. Лани бев таму. Иако бев во 4 ѕидови, температурата внатре беше исто како надвор. Болјерот им се расипал, па мораа дечињата да ги бањаат со шишиња затоплена вода. Мораа да ги поделат оброците затоа што немаше доволно за сите. И покрај сето тоа дечињата не престанаа да се смеат и да не гишкаат додека бевме таму. Оваа година е дури полошо. Овие семејства се духови, не постојат за граѓаните, а камо ли за политичарите. Затоа го пишувам овој епилог. Било каква помош е добредојдена. Стара топла облека, стар компјутер, некој уред за домаќинство, пакет храна, па дури и една посета ќе биде бесценета за овие дечиња.
Пишете на Лице в Лице, споделете ја вашата среќа, верувајте десетократно ќе ви се врати.

Среќни празници лабуди!

 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff