08 October 2012

4 причини зашто купувачите се лоши во математика

 
Се отвори Skopje City Mall, се создадоа ненормални гужви за купување на основни прехранбени/домаќински производи, се спрема цензура врз нашиот интернет простор, има анкета за #наТочак, немав секс неделава и генерално тоа се новостите кои се случија во последниве неколку дена.

Прочитав и пар весници.
Целата ситуација доби голема медиумска покриеност во облик на:
  1. Луѓе кои ги напаѓаат (Македонците се потепаа за тоалетна хартија, Во Македонија нема криза, Бранко е крив), 
  2. Луѓе кои ги бранат (се тепаат за основни прехранбени производи, сите што критикувате сте богати, Бранко е крив) 
  3. Луѓе што ги тролаат (најзастапени)
Првите секако се "вовед во медиумски спин", третите се заштитен знак на македонското општество, а вторите иако се добронамерни и покажуваат емпатија кон луѓето кои чекаат на ред за основни хигиенски производи сепак ја оправдуваат човековата неинформираност и апсолутното непознавање на математика. Сите луѓе во редот на крајот трошат повеќе пари отколку што би заштедиле со попустите. Еве зашто:

(ова што ќе го прочитате не е топла вода, ова е школски пример за како потрошувачкото општество ја експлоатира човековата природа)


4. Психологија на попусти

Најголемата иронија на светот е што поради начинот на кој што сме еволуирале, луѓето не можат толку лесно да ја прифатат еволуцијата како нешто врз кое се базира нашето однесување и перцепција на светот. Стотици илјадници години прво сме трчале, а после сме размислувале. Ако секој пат кога ќе не нападнал тигар сме седнувале да решаваме интеграли до сега немаше да постоиме.

Прикажано: Изумрени бубалици
При купување, најголемиот дел од потрошувачите не донесуваат рационални одлуки. Психологијата позади одредувањето на цена на производ (вклучувајќи попуст) е добро позната на луѓето кои ги создаваат. Затоа продажбата на Чивас Регал баснословно се зголемила откако баснословно ја зголемиле цената. Производот останал ист ама потрошувачите почнале различно да го перцепираат.


Затоа никогаш нема да купам облека од Zara, Bershka, Pull&Bear. Истото парче за година дена ќе биде со 70% помала цена. Трошокот за изработка/квалитетот е ист, го плаќаш само името на новата колекција (за тие што ги интересира, логаритамска зависност помеѓу цена/квалитет според законот за опаѓачки приноси).
Но тука сме да зборуваме за намалените цени. Просечен купувач гледа кисело млеко кое чини 9 денари. Бидејќи е супер евтино купува 5 канчиња. Троши 45 денари за кисело млеко со инфериорен квалитет (го пробав) во супериорна количина. Со чест на исклучоци, ама просечното македонски семејство не консумира кисело млеко секојдневно за да има потреба од 5 кисели млека во нивниот фрижидер и ќе се задоволи со 1 квалитетно кисело млеко од 30 денари. Го купуваат единствено зашто е на попуст. И после го јадат за да не се фрли.

3. Групна интелигенција

Носење одлуки е тешка работа. Иновација е тешка работа. Да измислиш нешто ново бара премногу време и енергија. Затоа луѓето (читај: Самсунг) копираат. Кога ќе видиш голем број на луѓе како прават исто нешто не седнуваш да размислиш зашто го правиш тоа, едноставно веруваш на нивната одлука.

Прост пример
Тоа е групната интелигенција со нејзините предности и слабости. Гледаш огромен број луѓе купуваат тоалетна хартија која е на попуст купуваш и ти. Додека да дојдеш до касата во кошничката имаш 48 ролни хартија, 10 кила банани, 5 кила ориз, шеќер и брашно и 5 канчиња кисело млеко. Ни половина од наведената количина не е потребна за да го поминеш денот. 

Ѕид од банани, бидејќи Knauf е премногу мејнстрим

Можеме да рационализираме со тоа дека луѓето кои немаат голема куповна моќ мораат да купуваат во големи количини на подолг временски период како што се' уште прави Ангела Меркел (остаток од комунизмот), меѓутоа секој што го тврди ова никогаш не бил во Skopje City Mall да види во какви коли луѓето товарат тоалетна хартија. За секој социјален случај кој е таму бидејќи нема друг избор постојат барем 10 кои се таму поради групната интелигенција.

2. Време  

Да резимираме што научивме до сега освен тоа што најверојатно до крајов на статијата нема да видите цицки исто како што јас не видов во последниов период. 
  1. Кога е нешто на попуст се купува во поголеми количини бидејќи може да снема (пр. 5 кисели млека)
  2. Кога е нешто на попуст се купува без за тоа да има реална потреба (пр. 5 кисели млека)
Друг аспект кој влијае на тоа воопшто да не заштедите е времето кое се поминува чекајќи во ред. А сите знаеме дека времето е пари.

Лекција која ја научив преку телефонска сметка пред 10 години
Со тоа што ќе чекате минимум 20 минути да влезете во Карфур, минимум пола час додека купувате и уште толку додека платите на каса, вие ефективно го губите денот. Имајте на ум дека само одредени производи се евтини во Карфур, другите се или со споредлива цена или поскапи од другите маркети. Сакате да купите на пр. Нескафе, знаете дека во Веро/Тинекс/КАМ/Стокомак е поевтино меѓутоа немате време уште толку да се маткате по градов и во интерес на времето ја зграбувате првата лименка што ќе ја видите во Карфур. Бидејќи не планирате повторно да се враќате во гужвите купувате уште 10 производи кои можете реално да ги најдете поевтини на друго место.

Заборавив мастики да купам, се враќам за саат и пол!

1. Мрзливост

Не само што донесуваме математички непотковани одлуки под притисок на времето, туку и бидејќи едноставно сме мрзливи. Мислење, правење математики, собирање купони, шетање по градот, расправање со пензионери е нешто што го исфрла нашиот мозок од авто пилот т.е. стабилната состојба во која троши најмалку енергија за функционирање. Зашто да го правиш горенаведеното кога можеш да седиш дома и да слушаш музика. 

Опан Гангам Стајл
Во 90% од случаите купувачот ќе го избере полесниот начин. Целата потрошувачка економија се базира врз оваа претпоставка. Затоа цените се такви какви што се, затоа позиционирањето на производите е такво какво што е, затоа ескалаторите кои ти требаат во Skopje City Mall се позиционирани во спротивниот дел од зградата.

Поради сите овие причини ги троламе луѓето кои во обид да заштедат нешто, всушност трошат и повеќе време и повеќе пари. За разлика од "Падна секира в мед", поговорката "Сиромавиот плаќа два пати" не настанала сосема случајно. Од истите причини не скокам веднаш во одбрана на човек што ќе одвои неколку саати од својот ден за да купи тоалетна хартија под изговор дека е социјален случај. И на крај од овие причини ја пишувам и статијава. За да се поправиме треба прво да си ги увидиме грешките и како истите вешто се користат од страна на продавачите/производителите.

Апсолутно неспонзорирано од Владата на РМ

 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff