05 October 2012

[Рандом] Од дневникот на еден пензионер

 
Понеделник, 01.10.2012: 
Станав во 07:00 часот. Гледав собраниски канал. Си легнав во 21:00.

Вторник, 02.10.2012:
Станав во 05:00. Ќе биде убав ден, по утрото се познава. Се присетив на детството кога татко ми ме будеше пред да изгее сонцето за да ги напасам козите. Мислам дека денес ќе прошетам. Се чувстувам млад. Се качив во автобус. Денес има многу гужва. Да не беа средношколците со нивното шизичко однесување и странска музика ќе беше во ред. Никој не стана да седнам. Ја испуштивме младината од раце. Уште неколку кругови околу градот и ќе си одам дома. Си легнав во 21:00.  

Среда, 03.10.2012: 
Станав во 07:00 часот. Гледав собраниски канал. Си легнав во 21:00. 

Четврток, 04.10.2012: 
Станав во 07:00 часот. Гледав собраниски канал. Си легнав во 21:00. 

Петок, 05.10.2012: 
Станав во 05:00. Забележав дека има само 1кг. пиперки во фрижидерот. Решив да одам на пазар. Денес е пазарен ден. Девојките од моето село беа најубави во петок, се спремаа да се спуштат во град, да пазарат. До следниот пазарен ден има уште 7 дена. Подобро да купам 10кг. пиперки во случај да снема. Повторно средношколците. Ниту еден не ми понуди да ми помогне со кесите што го носев. Не е ни чудо што државата ни пропаѓа. Тито додека беше жив кај смееше ова да се случи. Си дојдов дома. Си легнав во 21:00.

Сабота, 06.10.2012:
Станав во 05:00. Убав е денес денот. Кога бев пролетер во сабота се одеше на излет. Решив да се прошетам надвор од Скопје. Денес да ти е мерак да се возиш со градскиот превоз. Средношколците спијат. Дента ја прават ноќ, ноќта ден. Пристигнав на меѓуградската станица. Не знам зашто не ми дозволуваат да влезам во автобусот за Титов Велес. Па нели во сабота пензионерите се возат бесплатно? Не беше вака во бивша Југославија. Тогаш можевме да шетаме каде сакаме, сите врати ни беа отворени. Си дојдов дома разочаран. Си легнав во 21:00.

Недела, 07.10.2012:
Станав во 07:00 часот. Гледав собраниски канал. Си легнав во 21:00.
 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff