24 December 2012

[Ретардација на денот] Зашто веднаш би си заминал од државата

 
Статијава не ја пишувам како некој што има голем познавање на моменталната политичка, економска и општествена ситуација. 
Статијава не ја пишувам како некој што знае повеќе од тебе на темите кои ќе се опфатат. 
Статијава не ја пишувам како некој што има интерес да ја пишува.

Статијава ја пишувам како некој кој сака еден ден да има семејство.
Статијава ја пишувам како некој кој сака да создаде подобар свет во кој ќе растат неговите деца.
Статијава ја пишувам како некој што погледнал околу себе и сфатил дека најдобар начин за да се создаде тој свет е да се напушти државата.

Работите нема да се сменат. Ова што го гледате наоколу не е од вчера. За моменталната ситуација не е крив ниту Груевски, ниту Бранко, ниту било кој пред нив. 
За циркуз од овие размери потребен е заеднички труд. Заеднички труд наречен неколку децениско донесување на лоши одлуки. Неколку децениска неспособност да се донесат долгорочни одлуки. Неколку децениско работење на било која владеачка гарнитура со единствена цел - да се добие уште еден мандат.

Власта гледа како да го добие следниот мандат. Сите донесени одлуки се базираат на таа крајна цел која секогаш ги оправдува средствата.
Народот гледа како да ја добие следната плата. Сите донесени одлуки се базираат на таа крајна цел која секогаш ги оправдува средствата. 
Власта ќе го продаде својот народ за да ја оствари својата цел.
Народот ќе ги продаде своите деца за да ја оствари својата цел.
И власта и народот се идиоти. 

Не сум слеп.
Ја знам ситуацијата со медиумите.
Ја знам моќта на полицијата.
Ја знам агендата на Албанците. 
Ја знам заинтересираноста на големите сили за нашите маки. 
Ја знам економската неодржливост на тековната политика.
И знам колку ништо од горенаведеното не е важно кога имаш празен стомак.

Еволуцијата не е случаен процес. Еволуцијата има јасно дефиниран правец. Еволуцијата се движи во насока на обезбедување статистички поголеми шанси за преживување на потомокот во зависност од надворешните услови. 
Ако опстанокот на твоите деца зависи од излегување на протест, тогаш еволутивно си предодреден тоа да го направиш.
Ако опстанокот на твоите деца зависи од одрекување на твоите права како човек, тогаш еволутивно си предодреден тоа да го направиш.
Ако опстанокот на твоите деца значи напуштање на оваа држава, тогаш еволутивно си предодреден тоа да го направиш.

Но, што ако имаш избор? 
Што ако можеш да не отидеш на протест и пак да ги нахраниш своите деца?
Што ако твојата работна позиција не зависи од тековната владечка гарнитура?
Што ако немаш потреба да ја напуштиш државата иако можеш?
Тогаш ти ја имаш моќта. Ти си тој што ги донесува одлуките.

Тоа не оди во прилог на нашите избраници. Моќта не е создадена за да се дели.
Затоа постои машина. Машина создадена со единствена цел - да го ограничи твојот избор т.е. твојата слобода.
Не измислувам топла вода. Машината постои откако постоиме ние и функционира доста едноставно:
  1. Искористи ги сите алатки (образование, медиуми, пропаганда, законодавно-извршна власт, уцени, убиства, ...) за да го обликуваш граѓанинот во верен поданик кој ќе нема друг избор освен тој што ти ќе му го понудиш
  2. Тие што нема да се вклопат во 1. избркај ги што подалеку.
Дали ако ја напуштам државата ќе обезбедам подобра иднина за своите деца? Не знам. Ама е нешто за што би ризикувал, бидејќи секој ден станувам се поголем песимист дека не чека светла иднина.

Епилог:
Моето размислување е најголемиот доказ дека машината одамна ја добила битката. Трагичното е што и ти драг читателу ги имаш помислено истото. И ти драг читателу при првата добра шанса веднаш би ја напуштил оваа држава.
 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff