29 August 2013

4 грешки што ме чинеа врски

 
Верувале или не, во животот имав неколку врски со девојки кои сè уште многу ми значат и кои масовно пропаднале, како што можете да насетите од насловот, благодарение на грешките што ги направив. И тоа овие не се грешки кои ќе ги направиш еднаш, ќе ја научиш лекцијата и никогаш нема да ги повториш, 

Како јадење во Вили на трезно.
туку грешки кои бараат ненормална енергија, дисциплина и искуство за да ги забележиш пред да ги направиш повторно, грешки кои не се гледаат од километар како економскиот план на нашата Влада, грешки кои се дел од твојот карактер, дел од нејзиниот карактер и грешки кои се инспирација за песнава и се толку чести што ако гуглате на темава ќе најдете 200 статии кои се преведени од вашиот локален портал.   



4. Недостаток на комуникација

Постои еден ужасен круг, и под тоа не мислам на песната од ЕКВ, туку серија од постапки кои доведуваат до неизбежната емотивна недостапност, нешто што не би му го посакал на најголемиот душман, а не пак на личноста која ја сакам. 

Wolverine 3D исто спаѓа во работите што не би ги посакал на душман
Преслушајте ја било која македонска народна песна во која се спомнува мајка и ќе сфатите како ние ги решаваме проблемите. Турчин ти го земал детето? Ќути и трај.
Ист сум и јас. Не ги решавам проблемите, ги потиснувам длабоко во себе и се правам пред другите дека сè е во ред. Проблемите не мора ни да се поврзани со врската. Сум паднал колоквиум, татко ми се разболел, колега ме изнервирал. Сите работи кои емотивно те погодиле, одлучуваш да не ги споделиш со некој кој треба да ти е најблизок затоа што не се нејзини проблеми. Или затоа што се плашиш дека ќе те осуди. Или затоа што се плашиш да бидеш ранлив пред неа. Или затоа што си шупак глуп.
И кога ќе престанеш да ги споделуваш работите кои те прават тажен, работите од кои се плашиш, работите кои те нервираат, прашање на време е кога ќе престанеш да ги споделуваш и работите кои те прават среќен. И тогаш сè е во ред, ама ништо не е во ред затоа веќе не си човек.

3. Прави како што чувствуваш

Во ред. Научивме лекција. Лошо е кога си странец во сопствената врска. Зашто не го пробаме дијаметрално спротивното. 

Да бидеш близок во туѓа врска.
Кажи ѝ дека ти се допаѓа. Не чекај четири месеци после првиот секс за да ѝ кажеш дека ја сакаш. Јави ѝ се кога ти недостасува додека е на интервју за работа. Лупни го ѕидот кога ќе те изнервира. Избриши ја од сите социјални мрежи кога ќе посака да оди на одмор со другарите.
Ја забележувате шемата, така? Сфаќате зашто способноста за контролирање на нашите имплуси е нештото што нè диференцира од животните (ова не е баш точно). 
Те нервира, се карате. Ти недостига, ѝ ѕвониш да се извиниш и ветуваш дека нема да се повтори. Меѓутоа ќе се повтори и го знаеш тоа. И таа го знае. Можеби затоа што проблемите не се решаваат со следење на моменталните емоции, туку со план, самоконтрола и компромиси кои нема да ти се допаднат.

2. Само-остварливо пророштво

Сакам да се сметам себеси за релативно интелигентен човек. Некој што може да ги предвиди со одредена сигурност работите кои ќе се случат во иднина врз база на претходни искуства и историски податоци.

Пр. Секогаш знам како ќе изгледаат графиците од статиите на Курир поврзани со македонската економија
Затоа следниот пат нема да ја направам истата грешка, ќе предвидам што може да се случи и превентивно ќе ја отстранам. И тука доаѓаме до нештото што се нарекува само-остварливo пророштво. Да го објаснам со пример: 
Завршувам заедно со девојка која е убава, смешна, интелигентна, ама има репутација дека ги вара партнерите. Јас го знам ова, се надевам дека јас ќе бидам исклучок, меѓутоа не оставам такво нешто на случајноста. Па затоа го стегам обрачот. Ја прашувам со кој е кога не е со мене. Ја следам на социјалните мрежи. Ја убедувам целото слободно време да го помине со мене...
И тоа ја гуши. Можеби оригинално немала намера да ме извара, меѓутоа во меѓувреме сфаќа дека не и одговарам. Иронија пар екселанс. Постапките што ги преземаш за да спречиш неверство, го тераат партнерот да го направи неверството.
И не е само за неверство. Сè уште е мала, зашто да инвестирам во врска која е осудена на пропаст? Ќе оди во странство, зашто би ѝ кажал дека ја сакам? Има ресести купаќи, ако твитер заедницата нема да ја прифати, зашто јас би?
Колку и да си паметен и искусен, никогаш нема да бидеш доволно паметен или искусен за да можеш со сигурност да ја предвидиш иднината. Ќе бидеш само глуп што ќе завршиш нешто на кое никогаш не си ни му дал шанса.

1. Од дрвата не ја гледам шумата

Секој пат кога ќе помислам на поговорката, различно ја толкувам и секој пат звучи се побрилијантно. Конкретно се однесува на неспособноста да се забележат проблемите во сопствената врска, а кои се ептен очигледни на луѓето од страна. 

Или обратното. Проблемите кои се очигледни само на луѓето кои се во заедницата.

Проблемот е што секогаш гледаш по некое дрво и решаваш да го игнорираш затоа што длабоко во себе си убеден дека си на некоја ливада и се лажеш себеси дека ако го поминеш уште ова нема да налеташ уште на стотици такви.  Меѓутоа си во факинг најгустата шума што постои на светот и ако сакаш да бидеш на чисто мораш да им отидеш Коце Трајанов на дрвата затоа што нема сами да паднат од старост.
Има погрешна перцепција за тоа што е успешна врска. Не е успешна онаа која ќе заврши со брак или семејство, туку онаа која ќе заврши со пријателство без разлика дали во процесот ќе заврши и врската. Само кога ќе се справиш со гневот, тагата и разочарувањето ќе бидеш способен да направиш значајна меѓучовечка врска.
Добрата работа е што откако ќе поминеш низ неколку шуми, ќе научиш да ги распознаваш. Ќе научиш кога треба да покажеш дека си ранлив, а кога да бидеш силен. Кога треба да прекинеш нешто што не оди, а кога треба да не се плашиш да направиш leap of faith.


 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff