18 August 2013

4 синдроми што често ги забележувам

 
Самиот наслов сугерира дека сум научник кој проучува синдроми. Тоа не може да биде подалеку од реалноста. Вистинскиот наслов би бил синдроми што ги покрадов, универзални синдроми на кои им додадов локална димензија и/или синдроми што најверојатно немаат никаква научна основа туку се ставени само за да можам да направам пар печатни грешки и заебанција за ресести купаќи.

Прикажано: Еманципираност
По ѓаволите не знам ни дали воопшто работите кои ќе ги набројам се синдроми, како на пр. како се викаше оноа кога масовно ја истролавме мисицата на Македонија од Штип што всушност беше само финалистка? Нејсе, да продолжиме:


4. Капричиоза синдром

Добро познат психолошки заеб оригинално украден од Јоцо СКА! Оригинално се однесува на тенденцијата да го анализираме изборот подолго време за на крај да се одлучиме на тоа што веќе ни е добро познато т.е. факинг капричиоза.

Или пеперони као си бил/а на Work & Travel
Мислам шала на страна. Ананас во пица? Што е следно, лубеница и сирење?! Мислам дека дел од пиците (пр. таа со ајвар) што се ставени во менито чисто за некој да ги нарача кога ќе изгуби кладба. Капричиоза е како секс во бившиот. Ништо ново, ништо спектакуларно ама си ги знаете позите во кои свршувате.
Во реалниот свет капричиоза синдромот е комбинација од парализа на анализа, замор од одлучување и парадокс на изборот и тенденцијата мозокот да не троши многу енергија за повторно анализирање на одлуки кои историски се покажале како добри.
Така да фак јеа! Мисионерска, капричиоза и сите сосови од Вили до крајот на животот!

3. Посна слава синдром

Во Христијанството има долга традиција на избирање на светец кој ќе служи како заштитник на куќата и ќе носи благосостојба, поволни каматни стапки за кредитите кои се подигаат за да се обави годишниот одмор на море во Грција и/или успешно ин витро.

Светците генерално се бираат по нивната спосбност да убиваат змејови и да јаваат со џуџуња
Како и сите славја, патронот на куќата/селото/влезот во зградата се почитува со баснословни количини на алкохол и јадења кои дел од времето мораат да бидат посни од многу контрадикторни причини. И ако доаѓате од семејство како моето кое одлучило за време на транзицијата да остане поштено ќе знаете што можете да очекувате на следната посна слава:
  • Ослич
  • Салата од компир со кромид
  • Грав
  • Посна сарма
  • Посни кифли
  • Ајвар
  • Баклва
20 и кусур години одам по посни слави и 20 и кусур години ги јадам истите јадења. Побогу, не е ова света традиција како пирошка и кашкавал па да мора ригорозно да се почитува. Ама таа е  таа отпорност на промени што останале од социјализмот. Дури и јас што се обидувам да склопам нешто ново кога готвам, користам убер комунистички чинии за да не си го отварам чеизот. 

2. Сегашно покварено време

Направете едно брзо пребарување за тоа што се случувало у мое време и ќе видите дека работите беа многу поубави кога бевме помали. Немаше разврат, немаше разводи, не ни се пуштаа женети/мажени мажи/жени во приватни пораки

и млекото доаѓаше во најлонско кесе.
Ова не е топла вода. Дури и да сте читале нешто на темата, знаете дека нашите имаат ју носталгија, ние имаме носталгија за времето кога дискотеките работеа неограничено и македонските диџеи пуштаа музика што некој ја слушаше. Поврзано е со тоа како го перцепираме времето и апсолутно е погрешно затоа што човековото однесување е предвидливо и мање више константно. За Бога драгом, татко ми имал секс на 13 години затоа што немало струја во селото и немало што да се прави после 8, луѓето се оргијашале (очито нема да видите оргии на линкот) буквално во сите периоди од историјата и откако постои технологијата сметале дека ќе го уништи начинот на кој меѓусебно општиме.
И сите го знаеме ова, знаеме дека како што растеме компромисите што секојдневно ги правиме го поместуваат црното и белото накај сивото и пак упорно го тупиме дека денешните морали некако се подегенерирани од вчерашните. Пола од вас ја читаат статијава на таблет додека сте во ВЦ, наместо да каменувате педер, мислам дека се подобруваме ако ништо друго. 

1. Мал свет синдром

Ако не сте знеле во слободно време, а особено во работно време јас твитам. Во зависност од кого ќе прашате Твитер е елитистички клуб на самопрогласени влијателни слободарски ориентирани досетковци или најдобрата платформа за размена на идеи со крајна цел секс. И во 10 од 10 случаи одговорот се однесува на заедницата, а не платформата. 
Во случај да не сте знаеле утре (понеделник) има твитап во Менада. Учествувај во неколку вакви настани, направи муабет со неколку луѓе и неминовно ќе ги запознаеш повеќето.

Сите ја имаат сликата во новчаник
И штом ги запознаеш потешко е да ја посочуваш нивната хипокризија и полесно е да ги прикриваш нивните недостатоци. Пријателството секогаш влијае на објективизмот. И одеднаш не ти е пријатно да пишуваш за зебрестите хеланки на типката што ти лежи во кревет затоа што ти лежи во кревет, не можеш да ги критикуваш македонските апликации затоа што ги знаеш колегите кои ја изработиле или да ја оспориш кампањата на неименуван оператор.
OK, можеш, ама ќе изгледаш како шупак. Инаку оригинално теоријата се однесува на филмовите на Кевин Бејкон и нема многу поврзаност со ова што го опишав.

 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff