Нова година.
Празници. Совршено време да се видите со вашите роднини и да го поминете
времето по семејниот ручек на лаптопот на вашата братучетка пишувајќи ја новата
статија додека ги слушате останатите како ги дискутираат најновите треви на
баба Рада. Исто како на рекламите за Кока Кола ама реално.
Додека климаш со
главата на предвидувањата на постарите кога е оптимално време да се стапи во
брак, не можеш а да не се запрашаш колку се реално применливи советите со кои
се расфрлаат.
4. Подобро гулаб
во рака отколку врапче на гранка
Стандарден
лајтмотив т.е. мизансцен на сите мудрости се црно-белиот поглед на светот. Во
реалноста апсолутно никој човек на планетата со чест на исклучоци не би бил
заинтересиран за гулаб во рака и/или врапче на гранка,
Има луѓе што не ни виделе гулаб или врапче |
Но да претпоставиме дека сето ова е аналогија за пренесување на пораката "Биди задоволен со тоа што го имаш". Си сакал пршутче ама моментално немало па си завршил со паштета? Си пробал да влезеш во Сектор и си завршил во Мамас? Си пробал да најдеш работа и си завршил со партиска книша? Не си нашол соодветен превод на македонски па си завршил со српска пословица? Боље ишта, него ништа.
Епа не е така.
Некогаш во животот ти треба врапче, а не гулаб. Рационално суштество си [citation needed], имаш способност да учиш, да анализираш и
да одлучуваш. Направи план, направи стапица,
фати го врапчето!
Во 100% од
случаите да се задоволиш со тоа што го имаш бара 0% труд. Од друга страна да го
достигнеш тоа што го имаш зацртано бара време, енергија и прифаќање на можни
ризици.
Неповрзана слика 2. |
Секако времето и
енергијата се ограничени ресурси, па ќе треба да направиш проценка за кои
работи вреди да се вложат истите. Додека сме тука не одговарам за последиците ако
пробаш да се тепаш со вратарите за да влезеш во Балет.
Дополнување: Искочи дека поговорката е " Поарно врапче во рака, него гулаб на гранка". Обрнување внимание на тоа што го зборат возрасните е за лузери!
3. Живеј го секој
ден како да е последен
Една од
најстарите поговорки на светот. Историските документи сугерираат дека првото
документирано користење на оваа поговорка е кога одредена жена предложила на
одреден маж да уживаат во одредено овошје по препорака на одредена влечуга при
што биле избркани од одредено место од одредена семоќна сила.
Сите нејзини
модификации (подобро еден ден како волк отколку цел живот како овца, YOLO, повели пијачка во која тотално нема ништо
растворено) се апсулутен доказ дека роверот на Марс е пратен со вонземска
технологија бидејќи немаме никаква способност да ги предвидиме последиците на
нашите акции дури и на краток рок.
Јасен ми е концептот на висок ризик, голема добивка, меѓутоа да бидеме реални, ова е повеќе узречица отколку начин на живот. Уствари чекај, луѓе умираат од цироза на 30 години, луѓе умираат затоа што возеле со 230 километри на час сред Скопје, луѓе умираат во сообраќајки со новиот мотор што го купиле откако се вратиле од Авганистан затоа што се поголеми од животот. Гомненици, луѓе умираат затоа што ќе се прејадат месо после пости.
Комбинација од руска и сарми |
Ама јеби га,
еднаш се живее.
2. После дождот
сонце изгрева
Убава порака која
во себе ја содржи цикличноста на настаните. После зима, пролет доаѓа, после
Балет, зденка маслинка доаѓа, после рецесија, ултра-десничарска идеологија
доаѓа итн. Работите се повторуваат, модата се враќа исто како и технологијата
Едвај чекам да се вратат пејџерите во мода. Сулимановиќ за тебе е заебанцијава. |
Ова звучи доста утешувачки, знаеш дека работите ќе тргнат на подобро и цигарите, топлинките и пешкирите што ги ставаат во твојот ковечег ќе ти се најдат во задгробниот живот. Меѓутоа сето ова не го менува фактот дека моментално врне и ти си гол на дождот и штурецот и зајакот ти се смее додека мравките се спремаат за зимата, а желката вјаса кон целта.
Исто така да не
заборавиме на цикличноста на природните појави. Ако после дожд изгрева сонце,
прашање на време е кога ќе заврне пак. И што ќе правиш тогаш? Додека грееше
сонце живееше само еднаш или се спремаше за следната дождлива сезона. Си купи
ли чадор, го наполни ли подрумот со брашно и зејтин како да ќе ја бомбардираат
Србија повторно?
Ако некогаш сте
играле Red Alert знаете дека возможно е да се контролира
времето
Само треба да изградиш стабилна база пред да можеш да си ја дозволиш таа градба, ти текиње?
1. Никогаш немој
да пораснеш
Поради некоја
причина детскиот дух е карактерна особина која многу високо е вреднувана помеѓу
возрасните. Нели, авантуристичкиот дух, желбата за истражување и парите се најдобриот
афродизијак.
До некаде е
разбирливо бидејќи децата се неверојатно вешти во дивергентно размислување,
особина која се губи како што старееме и стануваме дел од системот. За апсолутно
сите луѓе на планетата, чест на исклучоци, цикличноста на работите изгледа
вака:
- Се раѓаш
- Го учиш системот
- Се бунтуваш
против системот
- Го прифаќаш
системот
- Се обидуваш да го
задржиш системот
- Умираш
Детското размислување е хедонистичко. Ми се јаде, ќе плачам додека не добијам пица од Доминос. Ми се сере, ќе почекам 7 години додека да научам сам да го правам тоа. Сакам iPhone 5s, ќе ги замолам родителите да земат кредит ветувајќи дека конечно ќе седнам и ќе го положам испитот што го влечкам со години.
Една од
најзначајните карактеристики што ги имаме како вид е способноста да ги
предвидиме идните исходи со одредена точност врз база на моменталните сознанија и претходните
искуства. Тоа ни овозможува моменталното задоволство да го замениме со
моментално воздржување за поголемо идно задоволство.
Бидување возрасен е преземање одговорности. Носење на морално сиви одлуки. Прифаќање на компромиси. Гласање на избори како што ќе ти кажат од партија. Менување на име, адреса, физички изглед и мобилен телефон кога ќе дознаеш дека девојка ти е бремена. И сето тоа е надвор од зоната на комфортот на безгрижниот детски ум.
Интересно е што оваа
препорака најчесто е споделувана од дваес-триес годишњаци (оние што се помеѓу
бунтување и прифаќање на системот), бидејќи тие најмногу чувствуваат како
обврските полека ја заменуваат идиличноста. Никогаш нема да го видам татко ми
како го постира ова на ФБ (ако се случи, значи машката менопауза е во зенитот)
затоа што мозочната структура/хемија е веќе сменета.
Така да среќни празници, да ви се падне паричето и не следете црно-бели строги морални принципи, туку модифицирајте ги вашите одлуки во зависност од моменталната ситуација. Или во превод не е варање ако не постои никаква шанса да се дознае.