11 March 2012

4 аргументи во корист на Г.М.О.

 
Скопската чаршија е прекрасно место. Сплет на повеќе култури, контраст на симбиотски соживот и етничка нетрпеливост, егзотично место каде што законите не важат и место каде што можете да го сретнете Мирко Попов додека јадете тоа што нема во Охрид - симит погача (има албино Турчин во видеово).
Поради некоја чудна причина скопската чаршија е зборно место за хипстерската авангарда (не знам ни дали постои ваков термин),

Или како да се нарекуваат оние кои мерат курци според дебелината на нивните рамки
која сака да се откачи од политизацијата, простал'кот и останатите епитети кои можете да ги додадете на оние кои излегуваат во Ванила.
И тоа е се кул, убаво е да се слушне мислење кое е прогресивно, марксистичко и останатите епитети кои можат да ви ги додадат ако не излегувате во штаб на О.К.
Меѓутоа некои работи се меинстрим поради тоа што имаат логика и одењето контра нив чисто само затоа што се меинстрим те прави во најдобар случај Џејмс Дин во најлош нездраворазумен.
Едно такво мислење што го слушнав пред некое време е дека треба да за забранат генетски модифицираните организми (во контекст на тоа што јадеме) бидејќи не е природно да си играме со природата.
Еве зашто тоа е апсолутна глупост:


4. Контролирана средина

Лабораториските експерименти се одвиваат во строго контролирани услови во контраст на непредвидливоста на природата и тоа од професионалци кои најчесто знаат што прават. Некогаш не се баш сигурни ама некогаш ќе откријат и пеницилин по грешка.
Ваквата средина ни овозможува да предвидиме како организмите ќе се однесуваат во различни услови и кои фактори влијаат за нивното размножување, проширување, квалитет, а понекогаш и да си играме ташак како на пр:

"Возможно е да се земе генетски материјал од некои видови биолуминесцентни организми и да се комбинира со генетскиот материјал од компирот. Компир што свети во темница не е природно. Што е следно жешок компир тто пее?"


Да, ова е возможно и изведено во лабораториски услови каде што растението свети при недостаток на соодветно наводнување, меѓутоа зашто некој би имал потреба од ваков компир?
Ако си фармер и треба компирот да ти засвети (notification) за да го полееш со вода, во тој случај си мрзлив фармер. Ако може да се изведе не значи дека е брилијантна идеја истото масовно да се произведува.
Идејата за контролиран експеримент во лабораториски услови не е во тоа да се создадат риби со три очи, супервојници или одлични македонски рап песни, туку создавање на организми (претежно растенија) кои ќе бидат отпорни на атмосферските услови и штетници со што нема да има потреба од прекумерна употреба на вештачки ѓубрива и пестициди, ќе раѓаат почесто, ќе даваат поголема реколта и ќе можат да растат на места каде што претходно не било возможно и сето тоа со цел:

3. Го прехрануваат населението

Многу е лесно да дискутираш за тоа дали е природно или не, дали е морално или не, дали е штетно или не додека си пиеш рум во Менада носејќи рамки кои чинат половина од просечната македонска плата, меѓутоа има луѓе низ целиот свет кои немаат што да јадат.

Каде што секој оброк се претвора во спонтана музичка точка
Првите цивилизации во вистинска смисла на зборот настанале во долините/делтите на големите реки (Вардар), бидејќи таму има најоптимални услови за одгледување на култури кои ги прехрануваат населението.
Луѓето во одредени делови на Африка ја немаат таа среќа. На нивната почва не може да расте секое растение, а тие што растат не даваат доволно реколта за сите да се прехранат.
Тука е целата идеја позади Г.М.О. Norman Borlaug е проф. д-р и нобеловец кој има спасено повеќе животи од Кирк и Пикард заедно и не затоа што мафтал со цвеќенце за спас на Земјата, туку затоа што добро ја применил поговорката:

"Дај му риба на човекот и ќе го прехраниш за денот, научи го како да лови риба и ќе го прехраниш за цел живот"

Наместо да лобира кај својата влада да даде финансиска и материјална помош на загрозените региони (давање риба), тој развил високо отпорни, високо плодни нишки на житните култури кои можат да се растат во неоптимални услови за луѓето од тие региони сами можат да ги одгледуваат (ги научил како се лови риба).
Луѓе кои инаку би умреле од глад или од војни за основни ресурси.
И кога некој ќе ми рече дека е против правото на абортус бидејќи е убиство , а во исто време сака да ги забрани Г.М.О. бидејќи се "играње со природата" сфаќам колку му е важен човечкиот живот.

2. Здравствени ризици

Со исклучок на неохипиците, сите ние јадеме Г.М.О. и тоа секојдневно. Со милениуми луѓето вршеле процес на хибридизација фино дефинирана во учебниците по биологија благодарение на Грегор Мендел (тоа што го прави вашиот дедо кога калеми цреша) за зголемување на плодноста/отпорноста на растенијата.
[Поправка откако се актуелизираше темата за ГМО во Македонија: ГМО е различно од хибрид. Отворете го линкот за деталите.]

Прикажано: Калемење на црешата
Разликата помеѓу хибридизација и генетско модифицирање е што второто е понаучно, луѓе со бели мантили кои се разбираат во протеини и срања користат субатомски секвенцијални нанотехнологии и нискофреквенти поларизирачки партикули (citation needed) и не секогаш се ограничуваат на комбинирање на генетски материјал од подвидови на ист организам (компир + медуза = забава).
Секогаш има реална шанса да се заебе работа при вакво експериметирање и затоа постои точка 4 (ха! мочка) од оваа статија проследена со тон регулации, стандарди и тестови кои мора да се поминат пред некој Г.М.О да стане достапен на интернационалниот пазар.
Со тоа храната што ја јадеме е безбедна колку што може храна да биде безбедна во денешно време. Грешки се случуваат и секогаш ќе се случуваат, меѓутоа тоа не е причина да се забранат истражувања што спасуваат милиони животи.

Оградување: Убавината на науката е што теориите не се апсолутни вистини. Како што се добиваат нови информации се побиваат/потврдуваат/модифицираат одредени претпоставки. Можеби ова што го читате е апсолутна глупост, меѓутоа се додека не се презентираат научни истражувања и факти кои не се плод на цврстото убедување на некоја личност дека Г.М.О е коренот на сето зло, ќе претпоставам дека ова е точно. Исто така повеќето извори кои ги наведувам во статијава се постари од 4 години, што ме наведува да помислам дека не се замараат луѓето веќе со оваа тематика.  

1. Не се коси со етиката

Барем не со мојата етика. Секој има различни сфаќања за тоа што е опшествено/морално прифатливо базирани врз години со пропаганди и дезинформации.
Една од најзначајните карактеристики на човештвото е отпорноста кон промени, дали е тоа мешање на бакар и калај за да се добие бронза, замена на текстилните работници со машини или во овој случај генетско модифицирање на организмите.

Инспирација за сите евтини хомоеротски научно-фантастични новели
(Идеја: ставете ја сликава како позадина на вашиот мобилен)

Друга значајна карактеристика е што човекот никогаш не учи од историјата. Истата расправија се случува секогаш кога човештвото е на раб на голем технолошки напредок, истата дилема ќе ја имате кога ќе ја свртите Мass Effect 3, меѓутоа напредокот не може да се запре, само да се забави.
Кучињата ќе си лаат, карванот ќе си врви. Наша задача е само да го насочиме тој караван да не забега во погрешна насока, наместо да го забрануваме.
Затоа следниот пат кога ќе се најдете во морална/етичка дилема во вашиот удобен дом со полн фрижидер дали е правилно да и се мешаме на природата, запрашајте се дали е морално/етички да оставиме милиони луѓе да гладуваат при достапна технологија за решавање на тој проблем.

Или знаете што. Спамирајте со група која донира по еден долар за гладните деца во Африка со секој лајк. Најважно е вие да можете да заспиете со чиста совест дека денес сте направиле добро дело. Не е ни битно каде одат и дали воопшто го решаваат проблемот тие пари. 

 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff