08 March 2012

[Ретардација на денот] Равенка за прифаќање на пријатели

 
Последниве неколку дена размислував за пронаоѓање на математички метод кој ќе помогне при одлучувањето дали некој/а кој/а испратил/а (во понатамошниот текст личноста) барање за пријателство на Фејсбук треба да се прифати.
Фејсбук во принцип е социјална мрежа за најблиските пријатели (15.000 во случајот на Мелитка), каде што профилот дава доста реална слика за нашиот карактер

Најчесто дава реална слика

и како што би рекла Јована Тозија на својот блог:

"Не додавам луѓе на ФБ ако не се знам лично со нив. (Има исклучоци, но ова важи во 99% од случаите) На другите социјални мрежи стојам на располагање."

Затоа развивам екстремно сексистичка, неправедна, површна, дискриминаторна равенка (повеќе квиз отколку равенка) која и покрај се треба да нуди практичен одговор дали треба да се прифати ново барање за пријателство или не.

Упозорење: Равенката е уште во бета фаза: фалат у фактори, сите тежини не се правилно распределени и не дава сигурни резултати. Затоа не бидете цепидлаки, сфатете го ова како забава и помогнете да се надгради преку коментарите.


Почнуваме:
Равенката претпоставува дека не сте родени вчера и тие што треба да ви се пријатели веќе ви се пријатели (секако може и да се примени при бришење/филтрирање на пријатели).
Ова се однесува на поканите кои се резултат на тоа што запознавате нови луѓе, обновувате пријателства, пишувате блог и ви треба публика, читате блог и сакате да видите што клошар е тој што го пишува итн.

На почетокот почнуваме со 100 поени/проценти/гравчиња и додаваме/одземаме според фактори кои имаа своја тежина. Ако во моментот кога престанеме со калкулирање на факторите добиеме резултат над 50 тогаш најверојатно треба да ја прифатиме таа личност како пријател, во спротивно најверојатно не треба да се прифати.

Основното прашање е дали лично ја познавам личноста?
Очигледните одговори се ќе ја прифатам ако ја знам, во спротива ќе ја одбијам/игнорирам.
Меѓутоа не е толку едноставно, па затоа ќе ги разгледаме двата случаи одвоено:

1. Ја познавам личноста

  • Дали секојдневно ја среќавам личноста?
    Ако одговоривте да тогаш веднаш прифатете ја личноста
  • Дали личноста е дел од вашето семејство?
    Ако е од поблиско семејство веднаш прифатете ја личноста во спротива додадете 30 поени
  • Дали личноста е од ист пол?
    Ако одговоривте да одземете 20 поени
  • Од кој степен на животот ја знаете личноста?
    пр. Ако моментално сте вработен/а на второ работно место, степен пониско е првото работно место, степен после тоа е факултет, па средно, основно и градинка. За секој степен подолу од моменталниот ваш степен одземете 10 поени
  • Колку заеднички пријатели имате?Ако имате помалку од 10 одземете 10 поени, а за секои наредни 10 заеднички пријатели додадете 5 поени (пр. 40 заеднички пријатели = +20 поени)
  • Дали имате сличен вкус?
    Ова може да го утврдите музиката што ја споделуваат, страните кои им се допаѓаат, партијата на која припаѓаат итн. Оценето го вкусот во интервал од -10 (дијаметрално спротивен) до +10 (ист) според тоа колку информации можете да видите од ѕидот
  • Дали се гледате често?    
  • Одземете 1 поен за секој поминат месец откако последен пат сте ја виделе личноста
Следниот дел е само за личности од спротивниот пол
  • Дали личноста ве привлекува физички?
    Додадете 10
    ако одговоривте потврдно. Одземете 10 ако апсолутно ви е непријатна на изглед
  • Дали личноста е во врска?
    Одземете 10 ако личноста е во врска, одземете 20 ако личноста е во брачна заедница
  • Дали некогаш сте сакале или сте правеле нешто со таа личност?
    Додадете 10 поени
    ако сте имале некакви чувства за таа личност.
2. Не ја познавам личноста

Иако истите фактори фигурираат и во овој случај, тие имаат различни тежини прилагодени на ситуацијата:
  • Дали личноста е од ист пол?
    Ако одговоривте да одземете 40 поени (колку нови другaри/ки ви требаат во животот)
  • Колку заеднички пријатели имате?Ако имате помалку од 10 одземете 20 поени, а за секои наредни 10 заеднички пријатели додадете 5 поени (пр. 40 заеднички пријатели = +20 поени)
  • Дали имате сличен вкус?
    Исто во интервал од -10 (дијаметрално спротивен) до +10 (ист) според тоа колку информации можете да видите од ѕидот
  • Дали се гледате често?    
  • Ако се сретнувате во дискотека, Излет, штаб и сл. од време на време додадете 20, во спротивно одземете 20
  • Дали личноста е позната?Ако личноста е позната додадете 20
Следниот дел е само за личности од спротивниот пол
  • Дали личноста ве привлекува физички?
    Додадете 20
    ако одговоривте потврдно. Одземете 20 ако апсолутно ви е непријатна на изглед или одземете 10 ако не можете да утврдите од сликата на профилот
  • Дали личноста е во врска?
    Одземете 20 ако личноста е во врска, одземете 40 ако личноста е во брачна заедница
  • Дали некогаш сте сакале или сте правеле нешто со таа личност?
    Додадете 10 поени
    ако сте имале некакви чувства за таа личност ако не ја познавате лично (пр. сте ја виделе во град)
Се додека сте над 50 поени во математикиве тогаш се на прав пат за стекнување нов Фејсбук пријател колку и тоа да звучи тривијално.
Повторувам, не е финална верзiја, ќе има проширување и балансирање.
Се надевам дека ќе ми пишете предлози или личен пример дали ова воопшто работи!

 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff