19 February 2012

7 невистини на кои не учеле родителите

 
Секоја млада личност барем еднаш во животот си има ветено дека никогаш нема да стане како неговите/нејзините родители. Многу нормално, зашто би сакале да созрееме во личности кои кукаат за некое минато време, не разбираат што значи отворена врска, мислат дека марихуаната е дрога која се става во пијачката и имаат мерак за сакоа со потпунки?
За жал, статистички гледано многу е веројатно да станеме како нашите родители,

Крушкава ќе падне каде?
секако со одредени прилагодувања според времето и општеството во кое живееме.
Меѓутоа постојат фактори како домашно воспитување, одредени навики, размислувања и ставови кои толку длабоко се програмираат во нашите мозоци при процесот на воспитување од страна на нашите родители што е речиси невозможно да ги промениме и истите ќе ги пренесеме и на нашите деца.
Лошата работа е што дел од овие нешта или базираат на апсолутна лага или се тотално неприменливи во реалниот свет. Нешта како:



7. Ти си уникатен/на

Ако гледаме на молекуларно ниво, навистина сите сме уникатни, меѓутоа општеството во кое живееме има толку добар систем за класифицирање на луѓето што зборовите на мама кога ни било тешко немаат никаква реална примена. Стереотипите толку се длабоко вкоренети во нашето секојдневие што не можеш да си се возиш со 41 (читај: четрскец) без луѓето да помислат дека садиш кромид во двор.
Болната вистина најдобро се согледува кога ќе пробаш да најдеш/задржиш работа. Не само што не си уникатен, туку си и лесно заменлив.

Исто како 55 ватната сијалица за кола од Osram - спонзорот на денешната статија
Поголемиот дел од луѓето ова го сфаќаат и непрекинато вложуваат во себе си за да се издвојат од толпата, но проблемот е со "златна лажичка" луѓето кои поради некои нивни или многу полошо наследени дела сметаат дека се цветот на светот баш затоа што се растени со помислата дека светот без нив ќе престане да се врти.
Што би можеле да ни кажат: Сине (сине се користи и за машко и за женско дете), за мене ти секогаш ќе бидеш најубав/најдобар/најпаметен ама нема сите да го делат моето мислење.

6. Можеш да бидеш се што ќе посакаш

Колку се слатки дечињата кога одговараат на прашањето "што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?". Доктор, астронаут (англиски), космонаут (руски) , заменик јавен правобранител се само дел од професиите кои ни се достапни бидејќи нашите родители не учеа дека во животот можеме да бидеме се што ќе посакаме и да направиме се што ќе наумиме. 

Вклучувајќи го и Бетмен
Јас лично сакав да бидам висок државен функционер без партиска книшка.
Апсолутно невозможно!
Иако постојат примери за луѓе кои постигнале огромен успех и покрај речиси невозможните шанси, статистиката не е на наша страна бидејќи уште од старт сме ограничени од фактори како: местото и времето во кое живееме, полот, материјалната состојба на нашето семејство, генетскиот материјал што сме го наследиле, дали сме трето субвенционирано дете итн.
Ама нека не те обесхрабрува ова да бидеш првата црна жена поп која го пронашла лекот за СИДА додека ја изведувала првата едночлена мисија за слетување на Марс.
Што би можеле да ни кажат: Со заеднички напор и соработка, можеме многу да постигнеме.

5. Учи за да не се мачиш како нас

Овој заклучок на постарите генерации е директен производ на едно време каде што академскиот успех не бил особено важен за пристојна заработувачка. Завршуваш средно, се вработуваш во државен сектор и имаш 5 кафе паузи во текот на денот (како и секогаш читајте ги коментарите).
Не ни ти треба повеќе. Нема СИДА, нема избор на политичка партија, има фармерки на тони во Трст..
Неколку децении, цел систем и пар војни подоцна се јавува потреба од високо-образовани кадри и експерти


Поседувањето на интернет врска автоматски те прави високо-образован експерт
и нашите родители сметаат дека ако завршиш факултет слободно можеш да дигнеш "четири у вис" бидејќи си на коњ.
Меѓутоа работа си е работа и нема толку значајна корелација помеѓу степенот на образование и "леснината" со која ни поминува животот. Жешкото сонце и мотиката се само заменети со канцеларија, глуп шеф и згодна колешка што не смееш да ја фатиш за г'з без да се направи голема работа од ситуацијата. Стресот е тој, сменета е само формата преку која се манифестира.
Што би можеле да ни кажат: Се е до тоа како ќе се снајдеш, ако видиш нешто дека не иде, не се фаќај како слеп за стап, пробај нешто друго.

4. Што е твое ќе си дојде

Изрека која најчесто се кажува кога ќе се случи некоја неправда и во принцип е модифицирана верзија на карма.
 - Комшијата изгради зграда, ние уште живееме во барака. - Не се секирај, што е наше ќе си дојде.
 - За 5 бројки не добив 7ца на лото. - Не се секирај, што е твое ќе си дојде.
 - Грција и Бугарија имаат делови од етничка Македонија.  - Не се секирај, што е наше ќе си дојде.

Медо сеуште немам добиено! - Не се секирај, што е твое ќе си дојде.
Апсолутно треба да се секираш, тоа што комшијата има зграда значи или прави нешто во животот како што треба или му се погодила приватизацијата.
За жал работите не секогаш си доаѓаат колку и да ги чекаме ние, бидејќи не постои семоќно битие кое ја балансира правдината во светот. 7ци не се паѓаат бидејќи ние сакаме да изградиме куќа и територии не се враќаат бидејќи сме пишале гневен коментар на YouTube. Папала маца, завршена работа е тоа.
Што би можеле да ни кажат: Нештото НАЈВЕРОЈАТНО ќе дојде ако вложиш голем напор и труд.

3. Прави добро и ќе ти се врати добро


Систем врз кој се базираат добар дел од религиите и според кој светот би бил подобро место. Лично сметам дека е екстремно полезен систем иако има фундаментална грешка во логиката: Го учи човекот да очекува нешто за возврат.
Вратив изгубен паричник, очекувам барем 100че!
Најдов изгубено куче во Капиштец, оп награда!
Ја излажав девојка ти дека бевме заедно во четвртокот, подобро да ми купиш гајба пиво брат!

Јас ја платив вечерата, скидај гаче!
Во реалниот свет не секогаш постои реципроцитет на вложеното со добиенот, не секогаш добиваме награда за направеното добро дело или казна за направеното злодело без разлика на заклучокот од последната епизода на Касандра (каков заплет беше тоа со Игнацио и Луи Давид).

Женава е крива за се!
Кога конечно луѓето ќе увидат дека системот во реалниот свет не функционира беспрекорно и дека шансите да те заебат се пропорционални со добрината на твојата душа, се разочаруваат и стануваат огорчени циници.

И после зашто сме пишувале блогови
Што би можеле да ни кажат: Прави добро.

2. Само Господ може да ти суди

Иако не сите родители го проповедаат горенаведеното на своите деца, доволно е често за да се најде на листата. Оригиналната намена е за да се охрабри детето да го следи својот сон без разлика што ќе речат останатите, но најчесто личноста го користи како оправдување/изговор за сторено дело кое е не се вклопува во одредени социјални норми.
Замислете дека сте фармер/аграр кој одгледува марихуана бидејќи вашата баба има глауком  и ве фаќа полиција. Во сопствените и најверојатно во очите на бакица вие сте јунак кој се жртвува себе си за да олесни на некој близок, меѓутоа во очите на законот вие сте криминалец.


И погодете што, законот ќе ви суди. И не само законот, ќе ви судат вашите родители кои ви го дале советот дека само Господ може да ви суди, ќе ви судат комшиите, сите идни работодавци и Слаткар и Скит врз база на делумната вистина која ќе излезе на виделина. Такви сме како општество, що да правиме.
Што би можеле да ни кажат: Ќе ти суди кој ќе стигне (најчесто во облик на совет), твое е да увидиш кој е во право, а кој не.

1. Секој има право на сопствено мислење

Заблуда која историски гледано има направено најголема штета е правото на сопствено мислење бидејќи е сосема погрешно толкувано.
Да, секој има право на сопствено мислење кога се работи за вкусови, може да се согласуваш со мене за рапот во Македонија или може да мислиш дека сум ретардиран блогер кој хејта креативни деца.
Мислиш дека туната во конзерва има подобар вкус ако ставиш кечап? Тоа е твое мислење. Ќе ти судат луѓето за тоа, меѓутоа секој има право на сопствено мислење, така?

Уште 3 работи врз кои можеш да ставиш кечап

Апсолутно не! Постои нешто што се вика наука во која владеат закони и факти. Факти се апсолутни вистини (колку што нешто може да биде апсолутно и константно без да се навлегува во виши физики) кои не зависат од твоето мислење и тоа дали имаш 3 полни Фејсбук профили. Во ниеден јазик zz не се чита ж !
Тоа што имаш цврсти убедувања за одредена тема не значи дека си во право. Верувај во што сакаш ти, ама земјата ќе продолжи да си се врти во насоката во која се врти. Ставај колку сакаш лајкови на слики, ама ако не направиш саглам муабет ништо од бизнисот (под бизнисот секако подразбирам секс).
Најголемиот проблемот настанува кога вистината е тешка да се проџвака и масата по автоматизам ја става во категорија "прашање на мислење" (под вистина тешка за џвакање секако подразбирам еволуција).
Што би можеле да ни кажат: Заменете ги вашите стари неефикасни сијалици со новите Osram економични светилки достапни во сите поголеми маркети.

 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff