16 February 2012

[Гостин Хејтер] 6 ретардации што ги забележав додека читав Unique

 

Кога бев седмо, купив „женско“ списание прв пат, заради биографија на некои глумци. Желбата да поседувам што е можно повеќе шноли и венчиња (кои нема да ги употребам реално) ме натера да го купувам списанието во следните 2 и кусур години, секој месец, религиозно. И да си правам плетенки понекогаш.

После помалку од деценија, единствениот текст на кој што се сеќавам од тоа списание е текстот во кој се даваа „совети“ како да бидеш принцеза ли, совршена ли, нешто така. Во неколкуте поднаслови имаше дадено пример дека иако дечко ти е на смртна постела во болница, ти не смееш да си дозволиш да изгледаш ненаспано, со подочници или не дај боже растурена и (пу-пу) помрсна коса. Треба да си отидеш од болница, да се средиш убаво, па после ако можеш да се вратиш да видиш дали ближниот сè уште дише или не. Разбирливо е да отспиеш ако си седел 2+ дена во болница и нема веќе душа у тебе, но не беше напишано тоа во стил „одмори се, си имала напорен ден и ноќ и си под стрес“, туку „оди дотерај се , иако љубениот ти е на умирање. Што ти е гајле, твојот живот не е на стенд бај, неговиот е“.

Тоа беше последниот број што го купив. Не е дека не се оптоварувам со изглед и не мислам некогаш на мода и детали (ми се случувало да не излезам од дома само затоа што блузата не ми била доволно деколтирана, или обетките не ми одговарале на ролката, а ако немам лак на ноктите ко да сум гола), но ова што го гледам по списанијава, за мене бар, е просто неподносливо.

Ја имав честа да го купам новиот број на Unique. Давале поклон, па се потрошиле, па и јас да сум побарала. Сеедно. Епа, кога веќе го купив, ајде да го прочитам (во листа, за хејтањето да има појак ефект):



6. Вовед

Тргнувам од насловната. „СПЕЦИЈАЛНО Со секој број Oriflame подарок за Валентајн“. Значи, подароков е или само за „Валентајн“, или со секој број, или секој месец е „Валентајн“?

Најверојатно секој месец е „Валентајн“ (фак, нели?!)

Отворам внатре, реклами на 10ина страни. Некаде измеѓу нив обраќање од едната уредничка за „клишето Валентајн“, содржина и некоја статистика дали жените стварно гледале мажот да е богат (да, 82%), „фрапантната“ вистина дека мажите имале пријателка само за секс (26%) како и нивните чувства кон мајката на најдобриот другар (ги немало ако не била згодна. Бре.). Откако добив совети како да не сум „тагната“ во истата облека (т.е. реклами) налетав на текст од другата уредничка. Во него го споредува мажот со компјутерот: „Поголемиот дел од жените што ги познавам се сингл од причина што маживе исто како и компјутерите се заразуваат со касперски вирус па исчезнуваат кога најмногу ви требаат или во моментот кога помисливте дека сè е совршено.“ Касперски вирус? Ма немој?! Од ова можам да заклучам дека не само што авторот е неписмен туку и најверојатно нема ни инсталирано антивирус на компјутерот. После жените биле компјутерски неписмени. А можеби и поради тоа се сингл? Хмм...

А кој па вика дека текстот е пишуван на компјутер?

5. Љубов и секс (нема разграничување)

- Еволуцијата на машката љубов. Или „не се чуди што други го привлекуваат на почетокот, со тек на време ќе се заинтересира; не покажувај дека си нервозна и ПМС пред него за искуствата што ги споделува со тебе ги памти само по добро и да премине во фазата во која што зборува за тебе како за животна сопатничка“. Sounds like an evil plan? True story. Најверојатно откако ќе му станам животна сопатничка ќе може да урлам по дома со сукалото. Климакс, јеби га.
- Кога ќе ве прекинат... рестартирајте ја акцијата. Како да бидеш доволно тивка за да не ти е незгодно од мајка му во другата соба, ама доволно гласна за тој да знае дека те возбудува. Пошто тоа што му стенкаш во скут и твоите цицки му се перници не е доволно.
- Вашето тело вели ЉУБОВ. Румени ми биле образите. И срценца ми летаат над главата, ама ако го кажат тоа ќе ги прогласат за луди. Јас битно си ги гледам.
- Состанокот што ќе ја зацврсти вашата врска. „Наместо нова долна облека, понесете го слухот и емоциите.“ Или не носете долна облека. Или облека воопшто. Нешто ќе се зацврсти, сигурно.
- Сакајте го повеќе, имате зошто. Двете изџвакани страни текст (како и многу други страни текст) можеле да се решат многу едноставно - затоа што е убаво да сакаш. Затоа што си човек, имаш разбирање и сакаш да си среќен. Нема потреба од комплицирање на работите, ниту пак од „најнови истражувања“ дека ако го бакнеш ближниот кога си нерасположен и двајцата ќе се чувствувате подобро


4. За посилниот пол

- Неговиот карактер низ 21 факт. Не. Тоа се бројки од 1 до 21 во убав фонт со рандом (за)мисли за посилниот пол. Тоа не е ничиј карактер, или се 21 различен карактер.
Пример:
„10. Не, коњакот не е позабавен од вас, проблемот е во тоа што премногу му се допаѓате. Срамежливите и несигурни мажи секогаш се кријат зад чаша полна алкохол. Иднината со ваков човек носи мир, но и несигурност.
17. Ако преферира тесни, класични гаќи, тогаш тој е премногу самоуверен и не се плаши да покаже што има. Верува во своите сексуални способности и моќ на заведување.“
- Машки аспект за „Валентајн“. Не. Тоа е едно „клише за“ и едно „клише против“ со машки имиња под параграфите. Нормално, секој ден си ги сакаат поубавите половини, тоа мора да е заклучокот.
- Мажи vs мода. Тројца расправаат дали Андријана Лима е добро или лошо облечена. После и Unique си го дава своето стручно безвирусно мислење (комбинацијата не била доволно гламурозна ко за неа, ако баш ве интересираше). Сериозно? А дали како и 99% од популацијата би сакале да ја видат соблечена?

Модерни мажи со 21 карактер


3. „Бољи“ живот

- Замолете го да стане помажествен. „Размислете убаво, подобро е да најдете човек што ќе умее да ве слуша или некој што ќе знае да ви го форматира компјутерот?“ Каква врска има ова со мажественоста? Сепак, јас_го_форматирам_компјутерот != јас_сум_мажот_во_врската. „Под дејство на машкиот родител вие денес сакате емоционален мачо тип“. Не. Под дејство на машкиот родител добив желба да разберам како функционираат работите. И да, јас го форматирам компјутерот.
- Оставате ли добар прв впечаток? Нормално, не би било списанието комплетно кога не би имало тест. Тестот има точно 5 прашања, од кои две се поврзани со Facebook (кај што веќе немам профил), а на сите 5 би одговорила различно од понудените три одговори. Доволно за психолошки профил? Па да! Every problem has simple, fast and wrong solution.
Пример:
„Налетувате на бившиот со кој не сте разговарале долго време... и неговата девојка. Што правите откако ќе ве претстави?
а) Велите: Здраво, Филип сигурно ти кажал која сум, имавме доста сериозна врска;
б) Срдечно се поздравувате, и се извинувате бидејќи ’имате нешто закажано’;
в) Ги прашувате како им оди и предложувате заедничко излегување.“

г) Размислувате како да го употребите

Ако сретнам некого на улица, најверојатно некаде одам или имам нешто закажано. Не мислам да ѝ разглобувам на новата девојка која сум јас, ни на улица, ни било каде (можеби бившиот е сè уште повреден што не го форматирав компјутерот). Можам да прашам како се, што има ново. Здрави, живи, чао, пријатно. Мора ли да ги викнам на викенд со мојот нов дечко (кој што сам би си го форматирал компјутерот)? Што ако таа не знае која сум? Што ако знае и ме гледа како плав екран? Што ако понудата за заедничка вечера ја сфати како размена на касперски вируси?
- Што ја мачи твојата коса. Не го прочитав. Во тој момент најверојатно би ја мачеле моите раце кои ја кубат. Среќа врзана ми беше.
- Хороскоп. Јас сум течен сапун, со RAM во подзнак. Тоа е.


2. Спам

- Нешто за Џенифер Лопез, Дани, Хајди Клум и некоја 40 годишна девица. Нормално, напишани после текстот за оговарањето каде што имаше заклучок (солиден, мора да признаам) дека подобро е да се прочита книга наместо да се изедат гомна.

Авторката чита книги. Така научила да хејта
- (моето омилено) „Кажете му на партнерот дека неговата навика да купува кутија цигари еднаш неделно го чини 10400 денари. За тие пари може да ви купи 104 балони.“ Сериозно?! 104 балони? А пари за кондоми? А пари за антивирус?
- Додека стигнав до патеписот и тие 2-3 статии што изгледаа пристојно, немав веќе желба да читам.


1. Целна група

За жал, овие наслови горе не се најлошиот дел од приказната. Затоа што, откако ќе се убедите дека не чините, облеката ви е од ланската колекција, не сте привлечни за луѓето и сте се здебелиле поради празниците, маките на вашата коса и C:/, списанието од списание прераснува во каталог. Всушност, цело време е каталог. Купи капче од Шмаксесорајз за да не настинеш. Тоа капче иде со тој и тој шал, а специјално за „Валентајн“ тој шал ќе одговара со прерамката на тој прслук под тој елек. Направете празнична детоксикација со јогуртот на таа и таа фирма (и има цела страна со мени). Налакирај си ги ноктите со „божествен седеф“ кој супер стои со прстенот за кој може да го изманипулирате ближниот да ви го купи во петтата еволутивна фаза на неговата љубов.

Инаку, ноктот на тој прст цело време ми се лупи и крши. Сериозно.
Препораки од уредничките? Па, не би рекла.
Нема ништо лошо во реклами (освен кога прекинуваат турски серии а не се вести со Латас). Целта на ваквите списанија (бар така викаат) е да ги приближат луксузите на (пример) Џенифер Лопез на „обичните“ девојки и жени. Односно - студент сум, што не значи дека не треба и не сакам да се облечам убаво и да имам асолна пудра. Кажи ми која и каде да ја најдам, ама да не мора да продадам бубрег. Ако сè е во деталите, кажи ми каде да ги набавам а да можам да си платам после автобус до дома (и евентуално леб и струја). Не ми треба списание во кое покрај препораките за однесување на интервју за работа ќе стави симпатично облаче со „идеални за на работа“ (демек, професионални и дискретни) - прстен од 45100 денари и часовник од 330000 (со букви: триста и триесет илјади денари). Ало, молам?! 330 000 денари?!

Ако имав толку пари, ќе го направев ова. Со балоните од ближниот

„Изгледајте одлично следното утро“ (бидејќи на сите ни се случува да преспиеме кај нашето момче и не треба да изгледаме како да сме се облекле за излегување): купете фармерки од 5000 денари, ташна од 15000 денари, алка од 88800 денари и обетки од 38200 денари (среќа, периодов има попусти, па може да се сопнеш на некоја пониска цена) и распоредете ги обратно од претходната вечер - алката на уво, обетките на брадавици, фармерките на глава.

Заклучок:
Позади мене во продавницата стоеја неколку девојчиња, основки. Едната во позиција „чајник“ и чинчила-елече благо вознемирено им соопшти на другите дека „леле-се-потрошило-и-тука“. Искрено се надевам дека тажат за поклонот во каталогов. Инаку, Херкулов тука ќе се размножи со некоја ко нив. А тогаш ни формат не помага.

Авторот е девојче кое ги поправа компјутерите на нејзините дечковци. Елена сака обетки, марами и венчиња со мала панделка. Обожава црни тесни фустани со гол грб или чипка и црни салонки со црвен ѓон. Форматира гола (бидејќи чека да и се впие self tanning кремот).
За здраворазумно-технички твитови следете ја Елена на Твитер.

 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff