26 January 2012

[Гостин Хејтер] 6 бесмислени прашања што се поставуваат на прв состанок

 
Знаеме ние женските дека на сите вам машките, без разлика на искуството што го имате, бројот на легнати жени со кои се фалите и сантиметрите на вашиот полов орган кои што ги измислувате, ви прпа на прв состанок.

Мечка страв, мене не страв

И океј е тоа, и нас ни прпа.
Вие треба да не импресионирате дека сте као мангупиште и пол со вонсериска смисла за хумор (што во најголем број од случаите не сте), а ние као треба да оддадеме впечаток на тешко достапна, интелигентна, шармантна цуца (што во најголем број од случаите не сме). Ситуацијата прв состанок сама по себе е напната, ти си се одрал уз бричење дома и страв ти е дали исфрленото лице налик на бубуљичав тинејџер ептен се приметува, таа па опнала мидер хулахопки за да не ѝ се познаваат мишелинките и при тоа не може да дише од што се стегнала.
Заебано е.
Затоа направи си услуга и не поставувај ниедно од следниве 6 прашања за да ја направиш ситуацијата понапната од што е:


6. Зошто касниш? 

Касни за да дојдеш ти прв и да ја чекаш. Нема друга причина. Не, не ѝ киднал автобусот. Не, не ѝ се дупнала гума. Не, не ја запреле џандари. Не, нема да те извиси. Не, касни НАМЕРНО за да не дојде прва. Жена е, во ДНК-то ѝ е да касни, и кога планира и кога не планира. И сѐ додека е тоа под интернационално прифатениот академски четврт, ти немаш право на приговор. Барем не на првиот состанок. Затоа земи си здраво за готово дека на наредниот прв состанок таа ќе доцни (ти секако биди точен како швајцарски часовник) и кога ќе дојде цурата и ќе ти се извини што доцни, само насмевни се и кажи: Нема проблем.
Впрочем, еве еден многу шармантен пример добро поминат прв состанок.




5. Каде сакаш да одиме? Мене ми е сеедно.

Пропадна состанокот. Чим ти батка не си направил план каде ќе ја носиш девојката, тури му пепел на состанокот. Не ја прашувај дали е гладна. Ако си испланирал да ја носиш на вечера, носи ја на вечера. Таа гладна негладна, ќе нарача нешто што и да е. Не излегла со тебе заради јадењето. Уште помалку па за да има прилика да јаде во ултрафенси скап ресторан (постојат секако нели и девојки што се палат на тоа колку пари фрлил вчера типот на неа, но да претпоставиме дека знаеш колку толку да ги намирисаш тие, бидејќи тие не се да ги носиш на вечера, тие се нешто друго да им правиш, но тоа не е тема на дискусија).


Затоа ако си замислил да ја носиш на вечера, предложи одма некое просечно пристојно ресторанче со убава храна и просечни цени (да се разбереме сега, не бива на прв состанок да ја однесеш во маалската биртија кај што прават најубав џигер на цел свет). И на крај плати ја сметката. Ако немаш пари да ја носиш на вечера, носи ја на пијачка, носи ја во кино, не е битно. Оддади впечаток дека си размислувал за состаноков, и дека имаш каков таков план.

4. Имаш дечко?


Што мислиш, зошто излегла со тебе на состанок? Бидејќи има дечко? Не, бидејќи нема! Да има дечко, нема да дозволи да ја шеташ јавно по кафичи, ресторани, клубови, што и да е. Ај што е ретардирано прашањето, туку после него имаш две опции:
Ако ти каже не, што ќе ти биде следно прашање? Нема да можеш да смениш тема на разговор туку така и да почнеш да правиш муабет за ланскиот снег. Ќе мора да го продолжиш муабетот што си го почнал. Што ќе кажеш следно? Еј супер, сакаш да се фатиме!?

Немаш дечко?! А ги имаш примено сите вакцини?

Ако ти каже па да, со што рафали ќе пукаш? Ќе ја прашаш како се вика? Колку време се заедно? Кај завршил средно (може го знаеш)?

3. Што си во хороскоп? 

 Колку што не треба мажи да им го поставуваат ова прашање на жени, жени па ич па.

Во зависност од девојката, можни се три правци на развој на дискусија после ова прашање.

  • Типката е хороскоп фанатик
     - Што си во хороскоп?      - (возбудено) Лав. А ти? (треп треп)  
     - Водолија.
     - (доживува мини оргазам) Знаев! Ејјјј, а знаеш дека лав и водолија баш си одговараат? А и   ми личиш на типична водолија да ти кажам. Што си во подзнак? (Ти не знаеш што си во подзнак. Не знаеш како да смениш тема на разговор. Непријатна тишина.)
  • Типката е просечен познавач и верувач на хороскопот
     - Што си во хороскоп.
     - (безличен израз на лицето) Лав. А ти?
     - Јас сум водолија.
     - (се смешка од култура) Фино. (Ја завршува темата хороскоп. Ти после цели 3 и секунди муабет мора да најдеш нова тема на разговор. Непријатна тишина.)
  • Типката се интересира за хороскоп колку што ти се интересираш за најновата крема на Нивеа против брчки.
    - Што си во хороскоп?
    - (тотално збунета) Ем, лав...
    - Јас сум водолија.
    - (ироничен осмех, се уште тотално збунета) Аха... (Јасно ти дава до знаење дека не толерира такви идиотштини и ти плеска жолт картон во фаца. Тебе те облева ладна пот. Се друго што ти паѓа на памет да ја прашаш сега ти звучи идиотски. Непријатна тишина.)

2. Што музика слушаш?


Ова прашање заслушува само ваков развој на муабетот


Какво прашање ти е тоа бе брат што музика слушаш? Не сме 5-то одделение па да пополнуваме споменари. “Омилена музика: Рап. Омилен пејач: Емси Хамер. Омилена група: Ластовица.” Дај прибери се. Прашај ја да не била на концертот на Пети Смит во Скопје. Ако да, прашај ја како си поминала. Ако не раскажи и ти како си поминал. Прашај ја што касети слушала на времето кога имала вокмен. Или земи да погаѓаш дека сигурно во вокменот на времето ги шлепала Ганс Енд Роузис. Раскажи и за некој си лудница инди бенд кој што си го открил пред два дена и понуди и се да и ја снимиш музиката на ЦД/УСБ. Прашај ја дали сака да оди со тебе на Џенан Лончаревиќ во Колосеум наредниот Петок. Покажи и слика од тебе и Марјан Стојановски. Ама немој жити се да ја прашуваш што музика слуша.

1. Кажи ми нешто за себе.

 Јас до пред два дена мислев дека ова го има само на амерички филмови каде што 35 годишни самци целосно ориентирани кон постигнување успех во својата кариера, од што се очајни одат на blind date. Арно ама...



Ова не само што постоело, туку луѓе почнале и ПО ФЕЈСБУК да го поставуваат прашањево. Ве молам, за доброто на човештвото, за иднината на цивилизацијата, за сексот (и во својство на репродуктивно дејство и во својство на задоволство) и за рокенролот, никогаш во животот кога одите на состанок со девојка не ѝ го поставувајте ова прашање.
Фала многу пријатно.

Авторот на статијата е женско! Здраворазумно размислува и ги споделува своите мисли уште од времето кога кириличниот фонт масовно се употребуваше. Јована можете да ја следите на Твитер или пак да го читате нејзиниот блог на македонски или на англиски.

 
© 2012. Design by Main-Blogger - Blogger Template and Blogging Stuff